Вчерашниот луд пресврт ја истроши, Ѓорческа немаше сили за финале во Минск!

Нашата најдобра тенисерка, Лина Ѓорческа, полека, но сигурно се враќа во посакуваната форма од пред две сезони. Поради бројните повреди долго време беше надвор од терените, а само неколку турнири по нејзиното враќање може да се потврди дека ѝ претстои успешно продолжување на сезоната. 

Претходната седмица во конкуренција во двојки триумфираше во Есен, додека оваа газеше сè пред себе во Минск, но немаше сили во полуфиналето и забележа елиминација од Франческа Џонс од Велика Британија. 

18-годишната Британка подобро го започна денешното полуфинале и наметна стил и темпо на игра кој беше недостижен за нашата тенисерка. Двата сета Џонс ги доби со идентични 6-3. 

Вреди да се напомене дека Лина на овој ИТФ фјучрс во Минск одигра неколку трилер-меча, од кои на вчерашниот успеа да спаси две меч топки и да обезбеди место меѓу четирите најдобри на турнирот кој се игра за награден фонд од 25.000 американски долари.