Колку недели ќе му требаат на Ѓоковиќ да го достигне историскиот рекорд на Федерер?

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е подготвен да ги сруши сите рекорди во белиот спорт и да застане на врвот како најдобриот кој што се појавил на терените.

Моментално таму според многумина е Роџер Федерер зад чие име стојат огромен број на тениски рекорди. Швајцарскиот ас, кој е на залезот на својата богата кариера, е лидер по бројот на освоени Грен слем титули (20), а исто така најголем број на недели стоел на челната позиција на АТП листата.

Но, тоа набрзо може да се промени и на неговото место да застане Србинот кој годината ја започна на одличен начин. Славеше во Мелбурн на првиот голем турнир во сезоната и им се доближи на ривалите кои се пред него според бројот на освоени Грен слем титули. Со триумфот го надмина Пит Сампрас и застана на две од Рафаел Надал, кого го надигра во големото финале на Австралија опен, и пет од тенисерот од Базел.

Уште долго време ќе го гледаме Ѓоковиќ на врвот на АТП листата, па прашање на време е кога тој ќе го надмине Федерер. 31-годишникот моментално бил прв светски рекет вкупно 236 недели, што е 74 помалку од Швајцарецот. Тоа значи дека ќе му треба уште една година и пол за да го престигне својот лут ривал, а се очекува тој момент да се случи во септември 2020 година.

Ѓоковиќ моментално е прв на светската ранг листа со 10.955 бодови, втор е Надал 8.320, а потоа следуваат Зверев (6.475), Дел Потро (5.060) и Андерсон (4.845).