ВИДЕО: Коко Гоф го доби трилерот со Сабаленка и го освои УС Опен

Американската тенисерка Коко Гоф ја освои титулата на Отвореното првенство на САД, откако во Њујорк ја совлада белоруската тенисерка Арина Сабаленка со 2-6, 6-3, 6-2. Гоф на тој начин ја оствари дванаесеттата последователна победа и го освои својот прв Грен слем турнир во кариерата.

Мечот траеше 126 минути, а победничката со оваа победа таа се искачи две позиции и од понеделник ќе биде трета тенисерка во светот. Белорусинката влезе во финалето само со еден загубен сет и и го одзеде сервисот на ривалката во првиот гем, за 19-годишната Гоф да возврати во четвртиот гем и да израмни на 2-2. Од тој момент Сабаленка заигра подобро и го освои првиот сет со четири последователни гема. Во вториот сет Гоф го контролираше резултатот и стигна до израмнување во сетови. Гоф продолжи да игра добро и во решавачкиот сет, направи брејк во првиот гем, а потоа во третиот гем повторно го одзеде сервисот на својата ривалка. Сабаленка врати еден брејк во шестиот гем, но во следниот гем нејзината противничка врати со иста мера. Американката лесно го приведе мечот до крај и забележа триумф пред повеќе од 20.000 навивачи на стадионот „Артур Еш“.

Покрај 2.000 ВТА поени, победникот на последниот Грен слем сезонава добива и три милиони долари, додека половина од сумата оди на сметката на вицешампионот.