„Кога Ѓоковиќ ме „испраши“ како мало дете, знаев дека ова не е повеќе тенисот што го знам...“

Енди Родик

Поранешниот светски рекет број еден Енди Родик откри кој беше моментот кој го натера сериозно да размислува за пензија. Се работи за меч против Новак Ѓоковиќ на кој доби тениска лекција и беше надигран како никогаш до тој ден.

„Мислам дека никој не може да предвиди дека некој со пет Гренд Слем трофеи ќе стигне до 20, но ќе раскажам една приказна. Се сеќавам на Олимпијадата во 2012 година. Се сретнав со Новак во второто коло. Се чувствував одлично, освоив неколку турнири пред турнирот, а Ѓоковиќ беше некој со кој што имав добар скор до тој момент. Сепак, Новак ме натера да изгледам како мало дете и си поигра со мене. Чувствував дека играм добро, сервирам беспрекорно, но тој ме „испраши“ од теренот“, рече Американецот.

Потоа поранешниот тенисер зборуваше и за најдобрата тројка во историјата на тенисот - Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Рафаел Надал.

„Зборуваме за најдобрите тројца во историјата. Недостигаат суперлативи за да се опише нивото на кое што тие играат толку години.

Ако ги споредите со Пит Сампрас, кој ќе освоеше по некој Грен слем на сезона или две, овие момци се во полуфиналето на секој турнир. Тоа е лудо“, заврши Родик.

Американецот се повлече по Олимписките игри во 2012 година, поточно по одигрувањето на УС Опен на 30-годишна возраст.