„Ќе мора да научи да премолчи или ќе биде суспендиран"

Поранешниот светски рекет број еден, Џон Њукомб зборуваше за Ник Кирјос и неговиот темперамент. Широко е познато дека тенисерот не знае да премолчи и знае несоодветно да реагира. Пензионираниот тенисер кажа дека Ник мора да научи да ги контролира емоциите и да не реагира бурно како што знае, во спротивно ќе биде суспендиран.

„Не можам да зборувам во негово име, но да сум на негово место би ми било тешко да бидам под закана за суспензија. Претпоставувам дека во тие ситуации морате да научите да го држите јазикот зад забите", изјави Њукомб.

Темпераментниот Австралијанец е веќе казнет со шестмесечна условна суспензија, а еден испад може да го тргне од терените. Тој ќе мора да ги задржи емоциите за себе и на турнирот во Австралија на почетокот на сезоната ќе треба да се контролира. 

Кирјос имаше и проблеми со повреда, но се очекува да се врати на време за стартот на сезоната и домашниот отворен турнир.