Кис: Не верував дека можам пак да играм финале, ја остварив големата мечта

Американката Медисон Кис приреди големо изненадување и триумфираше на Австралија Опен во женска сингл-конкуренција, откако во финалето ја совлада фаворизираната Арина Сабаленка од Белорусија. 

Кис прикажа феноменална игра и ја совлада првата светска тенисерка, а по мечот изјави дека овој момент го чекала целиот живот и е неизмерно горда на овој голем успех. 

„Овој момент беше вистинска мечта за мене. Целиот живот сонував и работев за ваков успех. Еднаш претходно играв во финале, но не успеав да победам.

Тогаш не знаев, а можеби и не верував дека повторно ќе стигнам да се борам за трофејот, но ете, судбината ми покажа дека со напорна работа сите желби се остварливи. Горда сум, ова нема никогаш да го заборавам“, изјави Кис. 

Американката во моментов е на 14. место на ВТА листата, но на новото рангирање ќе „скокне“ до осмата позиција и ќе ја мине сонародничката Ема Наваро.