• Саше Љолес

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас изјави дека воопшто не бил изненаден од суспензијата на Ник Кирјос, откако Австралиецот беше позитивен на кокаин, додавајќи дека за случајот знаел уште пред тој официјално да биде објавен.
„Искрено, тоа беше прилично очекувано. Повеќе сум изненаден што се случи толку доцна“, рече Циципас пред новинарите во Њујорк.
Кирјос беше суспендиран во средината на август, откако беше откриено дека во јуни бил позитивен на кокаин за време на турнирот на Мајорка. Австралиецот би можел да добие суспензија и до четири години, иако се очекува казната да биде значително поблага.
Циципас откри дека информацијата не му била нова.
„Да бидам целосно искрен со вас, јас знаев за ова и пред официјалната објава. Кога видов на социјалните мрежи, само си помислив: ‘Еве го’. Некако и го очекував тоа“, додаде грчкиот тенисер.
Кирјос, кој во последните години има сериозни проблеми со повредите, по суспензијата на социјалните мрежи напиша дека се чувствувал „беспомошно и осамено“, но истовремено призна дека „ништо од тоа не го оправдува она што го направил“.
Ниту ова не го изненадило Циципас.
„Знаев дека такви работи се случувале надвор од тениските терени. Тоа можам да ви го кажам. Нема да се обидувам да прикривам некого за кого ја знам вистината. Се сметам себеси за добра личност кон сите, но за ваквото однесување лично сум слушал на турнирите, а и од други луѓе од истото опкружување сум слушнал такви работи“, истакна Циципас.
Суспензијата за Кирјиос дојде во лош момент, кога тенисерот се обидуваше да ја врати старата форма, но скандалот со употреба на кокаин дополнително ќе го оддалечи од терените.

