Кирјиос бесен поради новиот допинг скандал: „Тенисот е готов“

Австралискиот тенисер Ник Кирјиос беше многу лут поради Ига Швјонтек и новиот допинг скандал. Полската тенисерка, која важи за една од најдобрите во својата генерација, се најде во центарот на допинг скандал откако тестот покажа присуство на забранетата супстанца триметазидин (ТМЗ).

Меѓутоа, Меѓународната агенција за интегритет во тенис (ITIA) заклучи дека позитивниот тест е резултат на контаминација од нерегулиран лек за мелатонин, кој Швјонтек го користела за проблеми со спиењето за време на патувањето.

Кирјиос, кој е познат по својот темперамент и дека „јазикот му е побрз од умот“ не ја пропушти можноста да го коментира случајот, нарекувајќи го тенисот - готов.

„Оправдувањето што сите можеме да го дадеме е дека не сме знаеле. Едноставно не знаевме. Професионалците на највисоко ниво само велат дека не знаеле. Тенисот е готов“, истакна контроверзниот австралиски тенисер. 

Поради овој допинг Швојтек доби едномесечна суспензија, од која поголемиот дел е веќе помината и таа ќе може да настапи на првиот Грен слем следната сезона – Австралија Опен.