• Саше Љолес

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски не успеа да го мине првото коло на АТП-челенџерот што се игра на терените „Југ“ во Скопје и загуби од Хрватот Дино Призмиќ со 0-2 во сетови.
Силниот турнир донесе многу квалитетни тенисер во нашиот главен град, а младиот Калин немаше сили да одговори на фаворизираниот противник од Хрватска. Наградниот фонд на турнирот изнесува 75.000 американски долари и ова е прв настап за Ивановски во толку силна конкуренција.
Неговиот денешен ривал е дури 120 места погоре на АТП-листата, но овој меч ќе биде од големо значење за искуството на Ивановски. Македонецот имаше шанса за добар резултат во првиот сет и спаси три „брејк“ топки при резултат 4-5, но сепак Призмиќ успеа да го затвори сетот во своја полза со 6-4, а вториот го доби со доминантни 6-1.
19-годишниот Калин Ивановски е најдоброрангиран македонски тенисер и во моментов ја држи 415. позиција на АТП-листата.