• Горан Упале
Калин Ивановски, најдобриот македонски тенисер уште во првото коло го заврши својот настап на Челинџерот во Скопје – Македонија Опен. 21-годишниот Ивановски беше немоќен против осмиот носител на турнирот Мили Пољичак, кој славеше во три сета – 6-4, 6-7/5 и 6-4.
Македонскиот тенисер одлично му парираше на фаворизираниот противник речиси во текот на целиот прв сет. Се играше „гем за гем“, со тоа што двајцата тенисери направија по еден брејк, но во клучните моменти Ивановски потфрли на свој сервис и при водство од 15:30 загуби три поени во низа и со тоа Пољичак поведе со 1-0 во сетови.
Вториот сет започна идентично како првиот, со брејк на македонскиот ас, но Пољичак возврати во осмиот гем и израмни на 4-4, па сетот влезе во тај-брејк, во кој Македонецот беше поуспешен со серија од три поени на крајот израмни на 1-1, освојувајќи го тај-брејкот со 7-5.
Третиот сет започна со два гема за Пољичак, Ивановски возврати, но потоа ривалот успеа да ја покаже својата сила и концентрација, па така, по голема борба успеа да го заокружи мечот со 6-4 во гемови и 2-1 во сетови.
Следен противник на хрватскиот тенисер во Скопје ќе биде Оливиери од Аргентина.
ФОТО: Тениска федерација на Македонија/Игор Паневски