Ивановски по два тај-брејка поразен на стартот на челинџерот во Португалија

Македонскиот тенисер Калин Ивановски по голема борба го загуби мечот на стартот од квалификациите на Челинџер турнирот Маиа 100 што се игра во Португалија за награден фонд од 120.950 евра. Тој мечот го загуби откако противникот Вилиус Гаубас од Литванија (185.место на АТП листа) ги доби двата тај брејка во мечот и со 2-0 или 7-6(4) 7-6(5) по сетови. Мечот траеше два часа и седум минути. Гаубас кој на турнирот во квалификациите настапи како алтернатива беше рангиран како прв носител.

Во првиот сет немаше ниту еден брејк и двајцата тенисери го освојуваа гемот на свој сервис, а Ивановски беше во постојано водство. Во 13. гем во тај брејкот литванскиот тенисер направи еден мини брејк за водство од 3-2 во поени и таа предност ја зачува до крајот на сетот.

Во вториот сет Гаубас направи брејк и поведе со 3-1 во гемови, но веќе во следниот гем македонскиот тенисер го врати загубениот сет и брзо изедначи на 3-3. Шансата за пресврт Ивановски не ја искористи во следниот гем на сервис на противникот кога имаше три брејк топки. По 6-6 во гемови повторно тај брејкот решаваше за сетот. Гаубас поведе со 5-0 откако имаше два „мини брејка“, а по 6-2 Ивановски успеа да спаси три меч топки, но противникот ја искористи четвртата да го добие тај брејкот со 7-5 на поени.