Ивановиќ не ја заборави Србија, испрати помош во борбата против ковид-19

Поранешната тенисерка Ана Ивановиќ не ја заборави татковината и испрати голема помош во борбата против вирусот ковид-19.

Србија е една од многубројните држави кои минуваат тежок период поради пандемијата со коронавирусот и секоја помош ѝ е добредојдена. Последната пристигна од славната тенисерка, која донираше 35 респираторни машини и друга медицинска помош, која е неопходна со справување на овој проблем.

Таа е и амбасадорка на УНИЦЕФ, кој претходно донираше 15 респиратори за Србија, што значи дека нашиот северен сосед доби вкупно 50 вакви машини кои во овој момент се повеќе од потребни.

„50 респиратори, заштита опрема, хигиенски сетови во вкупна вредност од 500.000 долари ќе бидат доставени во Србија“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

32-годишната Ивановиќ, која пензионерските денови ги минува со својот сопруг Бастијан Швајнштагер, зад себе остави успешна тениска кариера, освојувајќи еден Грен слем турнир (Ролан Гарос во 2008 година), а своевремено беше и најдобра тенисерка на ВТА.