• Горан Упале

На прес-конференцијата по десеттата титула на Новак Ѓоковиќ на Австралија опен, неговиот тренер Горан Иванишевиќ зборуваше за соработката со светскиот рекет број еден, како и за повредата која што му правеше проблеми во текот на целиот турнир.
„Мора да се согласам со она што го кажа Новак, дефинитивно најдобрата титула во неговата кариера, не само поради она што се случи минатата година и затоа што се врати, туку и затоа што последните три недели беа исклучително тешки. Мислев дека го доживеав ова во 2021 година, кога тој славеше овде со стомачни проблеми... Но, ова беше неверојатно. Да се игра вака, да се подобрува од ден на ден, тоа е импресивно.
Дозволете ми да објаснам на овој начин. Не би рекол 100%, но 97% од играчите, доколку ги добијат резултатите од магнетната резонанца во сабота, би отишле директно во канцеларијата на судијата и би се повлекле од турнирот. Но не и тој. Тој е од друга планета. Неговиот мозок работи поинаку. Работам со него четири години, но сепак понекогаш се прашувам како функционира неговиот мозок. Тој даде сè. 77 терапии дневно. Секој ден беше подобар и подобар. Не го очекував ова, искрено. Бев шокиран“, вели легендарниот Хрват.
Ѓоковиќ во големото финале во Мелбурн на убедлив начин го совлада Стефанос Циципас и го израмни рекордот на Надал од 22 Грен слем титули.