Историја за Македонија: Лина Ѓорческа се пласира на Вимблдон!

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа испиша историја и за првпат во историјата ќе игра на главниот турниро на престижниот Вимблдон!

Тетовчанката го скокна и третото квалификациско коло победувајќи ја Лусија Бронцети со 2-0 (6-1, 6-2) по час и 15 минути игра во Лондон. Ѓорческа стана првата Македонка која се пласира во главната ждрепка на еден од четирите Грен слем турнири. Претходно таа беше најблизу до таков подвиг во 2017 година на Австралија Опен, ама беше запрена на последната пречка. 

Ѓорческа во третото квалификациско коло сигурно славеше против Бронцети. Италијанката која во кариерата има девет настапи на Грен слемите беше целосно надиграна во два сета. Иако Македонката го загуби првиот гем на мечот на свој сервис, следуваа три брејка со кои стигна до 6-1 во првиот сет по 31 минута борба.

Во вториот сет Бронцети беше близу до брејк во вториот гем, меѓутоа Лина спаси осум брејк-топки. Потоа во следниот одзеде противнички сервис, а со вториот брејк во седмиот гем Ѓорческа зачекори кон победата (6-2). 

На патот до главниот турнир Ѓорческа ги елиминира Фита Болуда (Шпанија), Хорхе (Португалија) и Бронцети (Италија).