Халеп не ѝ даде шанса на Свитолина и првпат ќе игра финале на Вимблдон

Симона Халеп

По неуспешниот обид во 2014 година, Симона Халеп од Романија првпат во кариерата ќе игра финале на Вимблдон. Таа го доби полуфиналниот дуел со Украинката Елина Свитолина (6-1, 6-3) и в сабота ќе игра за својата втора Грен слем титула.

Поранешниот светски рекет број еден започна одлично и одигра перфектен прв сет. Трипати го одзеде сервисот на противничката и поведе со убедливи 6-1.

Свитолина ја одржуваше неизвесноста во продолжението до резултат 3-3. Тогаш, Романката одигра уште еден одличен гем на сервисот на украинската тенисерка и го направи клучниот брејк кој и донесе конечна победа од 2-0.

Во второто полуфинале денес ќе играат Серена Вилијамс и Барбора Стрицова. Американката, која е голем фаворит за трофејот, е ноќна мора за Халеп и има девет победи и само еден пораз во меѓусебните дуели.