„Грен-слем“ освојувач е замената за Рафаел Надал на Ролан Гарос

Легендарниот Рафаел Надал нема да настапи на овогодинешниот Ролан Гарос поради повреда, а на неговото место ќе дојде исто така познато име кое е поранешен освојувач на еден од четирите најпрестижни турнири на светот. 

Надал нема да има прилика да ја одбрани круната во Париз и навивачите ја доживеаја информацијата со големо разочарување, но неговата замена се чини дека може да е повеќе од достојна. Се работи за Доминик Тием, кој во моментов е на 96. место на АТП-листата. 29-годишниот Австриец има солидно портфолио на францускиот Грен слем откако во два наврата играше во финалето. Тој се бореше за трофејот во финалните мечеви одиграни во 2018 и 2019 година, но во двата доживеа порази. 

Доминик Тием во својата кариера има освоено и еден „грен-слем“, оној на Отвореното првенство на Соединетите Американски Држави. Таму триумфираше во 2020 година и тогаш беше највисоко рангиран во кариерата, го држеше третото место во светот. Ова лето ќе настапи на францускиот Грен слем со специјална покана или таканаречена „вајлд-карта“.