Голем гест на грчкиот тенисер: Ќе донира по илјада долари за секој ас  

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас вети дека ќе донира 1.000 долари за секој ас што ќе го сервира на турнирот „Мексикански опен“. Целта е да се помогне во обновата на Акапулко, град уништен за време на ураганот Отис минатиот октомври.

„Ќе донирам илјадници долари за секој ас што ќе го сервирам оваа недела“, изјави Циципас.

Најмалку педесет лица загинаа кога моќниот ураган Отис се спушти на брегот на Тихиот Океан во Мексико и го погоди познатото летувалиште Акапулко. Невремето предизвика и штета од неколку милијарди долари, при што повеќе од 130.000 домови беа делумно или целосно оштетени.

Мексиканскиот опен се игра од 26 февруари до 2 март, а покрај дванаесеттиот тенисер во светот, меѓу попознатите играчи се и Германецот Александар Зверев, Данецот Холгер Руне, Норвежанецот Каспер Руд и Американецот Френсис Тиафо.