Гофан недораснат за шампионот, Ѓоковиќ е прв полуфиналист на Вимблдон

Првиот носител на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, се пласира во полуфиналето на овогодишното издание на турнирот. Србинот во три сета рутински го доби дуелот со Давид Гофан од Белгија (6-4, 6-0, 6-2) за два часа игра.

Белгиецот беше во одлична позиција во првиот сет кога имаше брејк предност при резултат 4-3. Но, тогаш наиде на најдобриот Ѓоковиќ и загуби три гема во низа и со тоа му дозволи на противникот да започне своја серија.

Бранителот на титулата не ја пропушти добиената шанса и врза десет последователни гема, поведе со 2-0 во сетови и си ја отвори вратата кон полуфиналето.

Во последниот сет двапати го одзеде сервисот на противникот за конечна победа од 6-2. Последна пречка пред финалето за популарниот Ноле ќе биде победникот од дуелот Гуидо Пела и Роберто Баутиста-Агут.