Гоф сигурна против Сакари, осминафинале и за Осака и Сабаленка

Американската тенисерка Коко Гоф се пласира во осминафиналето на Мастерсот во Мајами, откако во два сета со 6-2, 6-4 ја совлада 51. светски тенисерка, Марија Сакари.

Гоф пет пати освојуваше гем на сервис на противникот и тоа беше пресудно за нејзината убедлива победа и пласманот меѓу најдобрите шеснаесет во Мајами. Американката во осминафиналето ќе игра со победничката од мечот меѓу Магда Линет и Линда Фрухвиртова.

Во осминафиналето е и Наоми Осака од Јапонија, која ја совлада Американката Хејли Баптист со 7-6, 3-6, 6-4. Таа ќе игра против шестата носителка Јасмин Паолини.

Белорусинката Арина Сабаленка се пласираше во осминафиналето на турнирот во Мајами, откако Габриела Русе од Романија ѝ го предаде мечот по првиот сет.

Сабаленка го доби првиот сет со 6-1, а потоа Русе се повлече. Светскиот рекет број еден во осминафиналето ќе игра против победничката од мечот меѓу актуелната шампионка Американката Даниел Колинс и Ребека Масарова од Швајцарија.