• Иван Димовски
Младата Коко Гоф е прва полуфиналистка на женскиот турнир на Австралија Опен, откако во четвртфиналето ја совлада Марта Костјук со 2-1. Американката мораше да игра два тај-брејка, маратонски три часа и седум минути против ривалката од Украина за да ја исполни целта.
Тенисерките беа доста несигурни од стартот, поточно Гоф беше понесигурна и Костјук го искористи тоа и поведе со 5-1 по два брејка. Иако и беше потребен само гем, сепак 19-годишната ривалка успеа да добие пет во низа и да поведе со 5-6. По вкупно шест брејка, по три на двете страни се дојде до нерешени 6-6 и доигрување во кое Гоф беше подобра со 8-6.
Израмнето беше надигрувањето и во вториот сет, двете ривалки тргнаа со по еден загубен гем на свој сервис, потоа пак врзаа уште четири такви гема и сè така до нов тај-брејк. Овојпат посигурна беше поискусната Костјук која со 7-3 дојде до израмнување. Работите се променија во третиот сет, бидејќи Гоф тргна фуриозно, поведе со 5-0 и потоа рутински само ја потврди победата.
Во полуфиналето Коко Гоф ја чека подобрата од пресметката на Барбора Крејчикова и Арина Сабаленка.