Ѓорческа се надмина и славеше голема победа над Ванг

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го мина и второто коло на ИТФ-фјучрс турнирот кој се игра во Белинцона, Швајцарија, откако со 2-1 во сетови (3-6, 6-4, 6-0) славеше над Ксју Ванг.

Ванг, која се наоѓа на 133. позиција на ВТА-листата, важеше за фаворит на хартија и ја имаше улогата на трета носителка, ама Ѓорческа се покажа во вистинско светло и се надмина кога беше најпотребно.

Иако го загуби првиот сет, Лина не падна на психички план, па изедначи со победа од 6-4, а импресивна беше играта во третиот ревашачки сет, кој Македонката го доби со сигурни 6-0.

Ѓорческа, која на овој турнир влезе како квалификант, во третото коло ќе игра со Ребека Марино (Канада) или Лукреција Стефанини (Италија).