Ѓорческа пропушти шанса за титула во двојки во Словенија

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да дојде до ново одличје во кариерата, овој пат во двојки на фјучрс-турнирот кој се одигра во Словенија и беше на земјена подлога.

Македонката со нејзината партнерка Џил Тајхман од Швајцарија во финалниот натпревар не успеаја да слават над италијанско-шпанската двојка Нурија Бранчачо и Лејре Ромеро Гормаз, во меч кој го загубија со 1-2 во сетови (7-5, 5-7, 7-10).

Иако Ѓорческа и партнерката беа на прагот на титула затоа што водеа во вториот сет со 5-4 и имаа меч-топка, сепак, доживеаја пораз. И во мечот со поени играа според планот, се имаше 6-4, ама до десетката се освои само еден поен.

Натпреварот во Љубљана траеше нешто повеќе од сто минути. Ѓорческа претходно играше на овој турнир и во сингл, но ги заврши настапите во раната фаза.