• Иван Димовски
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа во полна пареа се подготвува за премиерниот настап на Вимблдон. Тетовчанката тренира во Лондон во пресрет на мечот против Аманда Анисимова, откако претходно ги мина трите квалификациски кола.
Пред настапот на главниот турнир македонската претставничка ги сподели своите очекувања.
„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум близу, а треба и да се поклопат коцките за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200. најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен дуел. Сепак, би го издвоила вториот меч (против Франциска Жорге). Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна, пред сè со тоа како се носев за време на мечот.
За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето. Мечот ќе се игра во вторник (утре). Знаете таа е ланска финалистка и шеста носителка и затоа мечот е на еден од „главните терени“. Се надевам дека ќе биде интересен, гледајте и навивајте од дома“, изјави Ѓорческа.
Ѓорческа стана прва Македонка која се пласирала на еден Грен слем турнир во сингл конкуренција.
Дуелот меѓу Ѓорческа и ланската финалистка Анисимова е закажан за во вторник во 12:00 часот.










