Ѓорческа и партнерката се откажаа од двојки во Марибор, бидејќи – ќе играат меѓусебе во сингл!

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа засега има добар настап на ИТФ турнирот од серијата В75 во Марибор. Тетовчанката се пласира во четвртфиналињата во сингл и дабл конкуренција. 

Сепак, таа ќе го продолжи турнирот само во поединечна конкуренција, бидејќи таа и нејзината партнерка Мариам Болквадѕе се откажаа од турнирот во двојки. 

Причината за откажувањето е едноставна, Ѓорческа и Боклвадѕе налетаа една на друга во четвртфиналето во сингл. Тие успешно ги минаа досегашните две рунди, па ќе вкрстат рекети во борбата за полуфинале откако претходно забележаа една заедничка победа на турнирот во двојки.

Инаку, Ѓорческа и Болквадѕе во четвртфиналето требаше да играат против дуото Белгравер и Радванска.