Ѓорческа губеше, но потоа ја „уништи“ Марчинко за финале во Рим!

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа забележа нов голем успех оваа сезона, откако в недела ќе игра ново финале на еден ИТФ фјучрс. Тетовчанката своите одлични настапи во Рим ги круниса со меч за титула, откако во денешното полуфинале по голема борба ја совлада тенисерката од Хрватска, Петра Марчинко.

Ѓорческа лошо го започна овој дуел и ѝ дозволи на противничката прва да зададе удар и да поведе. Одлучувачки момент во првиот сет беше дванаесеттиот гем, во кој Марчинко ја искористи првата брејк топка и со 7-5 поведе во сетови. 

Но, нашата тенисерка покажа моќ и карактер во остатокот од натпреварот. Во вториот сет влезе во посакуваниот ритам и загуби само два гема (6-2), додека во одлучувачкиот Марчинко освои само еден и ги заврши настапите во Рим.

Противник на Ѓорческа во финалето ќе биде најголемото изненадување на турнирот Оксана Селехметева од Русија (415-та тенисерка на светот).