• Горан Упале
Лина Ѓорческа не ги криеше емоциите по историскиот пласман во главниот турнир на Вимблдон, каде што стана првиот македонски тенисер или тенисерка што ќе настапи на најпрестижниот Грен слем турнир.
Во изјава за телевизијата на Вимблдон, најдобрата македонска тенисерка порача дека овој успех е исполнување на нејзиниот долгогодишен сон, но и голема гордост затоа што доаѓа од мала земја.
„Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историјата, и во машка и во женска конкуренција, која се избори за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот“, изјави Ѓорческа.
Таа зборуваше и за предизвиците со кои се соочуваат спортистите од Македонија, истакнувајќи дека патот до врвот е многу потежок поради ограничените услови за работа.
„Тоа што доаѓам од мала земја не е лесно, околу комплетната логистика, тренинзите, условите, секако и парите. Но, кога си тука даваш 100% за да успееш, па на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но секако имаме огромно спортско срце“, порача македонската тенисерка по најголемиот успех во својата кариера.
Противничката за во првото коло Ѓорческа ќе ја дознае утре во 11:00 часот, за кога е закажана ждрепката за главниот турнир.









