Ѓоковиќ: Загубив и тоа е тоа, сега ќе имам повеќе дена во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ го запиша првиот пораз во новата сезона, откако синоќа со 2-1 во сетови беше надигран од шпанскиот ветеран Роберто Баутиста-Агут, во полуфиналето на АТП турнирот во Доха.

Првиот рекет на светот по подолго време не делуваше така моќно на терен, изнудените грешки беа сè почести, а поради фрустрација настрада и неговиот рекет.

„Загубив и тоа е тоа. Иако имав предност, не успеав да играм во исто темпо и противникот ме казни. Грешев кога најмалку очекував, на најлесните топки, тоа се случи заради падот на концентрацијата. Баутиста одигра добар меч и заслужено победи. Сепак, добро е што ќе имам неколку дена повеќе во Мелбурн“, изјави Ноле.

Во големото финале на турнирот во Доха, Баутиста-Агут попладнево го совлада Томаш Бердих со 2-1 (6-4, 3-6, 6-3) и го освои првиот трофеј во новата година.