Ѓоковиќ за рекордот: Тоа е нешто најдобро во нашиот спорт

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ обезбеди историја откако си го обезбеди првото место на АТП ранкингот на крајот од годината, седми пат во кариерата, надминувајќи го Пит Сампрас. 

Со триумфот над Хуберт Хуркач, Новак се пласираше во финалето на АТП турнирот во Париз, а тоа математички му го обезбеди првото место. По триумфот Србинот истакна дека натпреварот бил навистина изедначен, а се осврна и на рекордот. 

„По мое мислење, Хуберт и јас победивме денес заедно. Бевме изедначени до последниот поен. Ова беше натпревар под голем притисок за двајцата, тоа е привилегија. 

Во неверојатен меч успеав на одличен начин седми пат да си го обезбедам првото место на крајот на годината. Тоа е нешто најдобро во нашиот спорт. Ви благодарам на сите“, изјави Ѓоковиќ. 

Без оглед на исходот на овој турнир во Париз, како и финалниот АТП турнир, Ѓоковиќ ќе остане првопласиран на ранкингот. Во финалето во Париз може ќе се сретне токму со својот ривал Данил Медведев кој во полуфиналето го доби Александар Зверев.