• Мартин Танасковски
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ успеа да слави над Стефанос Циципас и ги комплетира полуфиналите парови на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) кои се одржуваат во Париз.
Најдобриот светски тенисер беше подобар од Гркот со 2-0 во сетови, со резултат 6-3, 7-6. Првиот сет Ѓоковиќ го доби поради еден брејк, додека во вториот, иако се пожали на болки во оперираното колено и мораше да добие помош од лекарите, по негатива од 0-4 дојде до тај-брејк во кој славеше.
„Ќе видиме како ќе бидат резултатите од тестовите кои се уште не сум ги направил, тоа што го направи физиотерапевтот дава позитивни индикации. По таа несреќа што се случи имав движење на теренот, па силна остра болка која траеше три-четири гејма, а после тоа се смири, успеав да го издржам мечот до крај. Тоа малку ме потсети на Ролан Гарос и што се случи, ама успеав да го издржам мечот. Се надевам дека нема повторно да биде истиот случај. Малку сум загрижен. Тоа е тоа што е, ќе ги направам тестовите со лекарскиот тим. Ќе биде вечерва, ќе биде сега, ќе треба да направиме се, да видиме како ќе реагира коленото, не толку одамна имав операција“, изјави Ѓоковиќ по мечот.
Српскиот ас во полуфиналето ќе игра со италијанскиот колега Лоренцо Мусети кој го има статусот на 11 носител. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Карлос Алкараз од Шпанија и Феликс Ожие-Алијасим од Канада.