• Мартин Танасковски
По поразот од Јаник Синер во полуфиналето на Грен Слем турнирот Вимблдон, српската тениска легенда Новак Ѓоковиќ искрено проговори за физичките потешкотии со кои се соочува, како и за реалноста со која мора да живее како 37-годишен спортист на врвно ниво.
„Имав многу проблеми. Не се чувствував пријатно на теренот, но не сакам детално да зборувам за повредата ниту да барам изговори. Јаник заслужи да победи, играше одлично и беше премногу добар денес,“ изјави Ѓоковиќ.
Тој призна дека физичката подготвеност му претставува се поголем предизвик, особено на турнирите од Големата четворка:
„Не се работи за среќа, туку за години. Телото се троши. Колку и да се грижам за него, чувствувам дека последната година и пол ми е најтешка досега. Тешко ми е да го прифатам тоа, бидејќи знам дека кога сум здрав, сè уште можам да играм врвен тенис – тоа го покажав и оваа сезона.“
Ѓоковиќ објасни дека најголем проблем му се долготрајните мечеви во завршницата на грен-слемовите:
„Секогаш стигнувам до полуфинале, но потоа следи Синер или Алкарас – млади, подготвени, свежи. Јас сум веќе на пола резервоар. Тешко е така да се победува.“
И покрај разочарувањето, тој најави дека не размислува за повлекување:
„Немам план да се повлечам денес. Би бил тажен доколку ова беше мојот последен меч. Се надевам дека ќе се вратам уште еднаш. Сè уште ми се најважни грен-слемовите. Сакам да видам каде можам да бидам на врвот, да разговарам со тимот и семејството. Не знам што повеќе би можел да направам – часови и часови се грижам за телото. Би предизвикал кој било да ми покаже дека се грижи повеќе од мене. Но, повредите доаѓаат. Тоа е реалноста.“
Тој заврши со порака исполнета со благодарност и зрелост:
„Можеби сега не добивам награда за вложениот труд, но со години сум наградуван. Здрав сум бил многу долго и животот ми донесе премногу убави нешта за да се жалам. Сега треба да извлечам максимум од она што го имам.“, заврши Ноле.
Ѓоковиќ уште еднаш покажа зошто е еден од најголемите – не само по резултатите, туку и по зрелоста и спортскиот дух.




