Ѓоковиќ загуби сет, па со пресврт го реши дебитантот на стартот на АО!

Новак Ѓоковиќ веројатно повеќе од очекуваното се измачи против дебитантот Нишеш Басавареди, меѓутоа со 3-1 го совлада во првото коло на Австралија Опен. Српскиот фаворит на „Род Лејвер Арената“ ги израдува навивачите, иако ги загрижи со играта во првиот сет. 

Младиот Басавареди беше целосно рамноправен на стартот. Американецот сервираше перфектно, а тоа беше проблем и за најдобриот „ретурнер“ на светот. Басавареди успеа да направи брејк во седмиот гем, па до крајот се одбрани и го освои сетот со 6-4. 

Сепак, на стартот на вториот сегмент младото момче имаше проблеми со грчеви, зеде медицински тајм-аут и се врати на теренот. Басавареди не изгледаше исто по укажаната помош, а тоа Ѓоковиќ знаеше да го казни па со 6-3 стигна до израмнување. Иако во продолжението ривалот го надмина проблемот со повредата, сепак Србинот го покажа својот квалитет и во третиот сет со брејк на стартот дојде до 6-4 и водство. 

Одлично тргна Ѓоковиќ и во четвртиот сет, со освоен противнички сервис, а потоа во петтиот гем и втор брејк, па рутински го доби и следниот за 5-1. Басавареди сервираше за да се задржи во мечот, успеа да спаси две меч-топки и се одржа во живот. Сепак, веќе во следниот гем Ѓоковиќ си ја заврши работата и со 6-2 го затвори мечот во своја корист по речиси три часа игра.