• Иван Димовски

Новак Ѓоковиќ го освои 22. трофеј на Грен слем турнирите, откако десетти пат се радува на Австралија Опен. Стефанос Циципас не можеше да го запре залетаниот Србин, кој силно мотивиран по ланските случувања дојде доминантно до трофејот.
По финалето, Ѓоковиќ беше особено емотивен, а освен преку солзите, тоа се виде и во неговата изјава.
„Јас и Циципас доаѓаме од две мали земји без тениска традиција. Пораката за секој млад играч која ја испраќаме до сите млади играчи, било каде на светот е да сонуваат високо, сè е можно! Не дозволувајте било кој да ви ги одземе соништата, мислам дека секој што минувал тежок период, станува посилен, а тоа го докажуваме јас и Стефанос.
Ова беше неверојатно патување за мене, мојот тим и семејството. Знам дека сите ги толерираат моите лоши карактерни особини, но ја ценам вашата љубов. Горане... не знам дали некогаш ќе ми простиш, меѓутоа морам да повторам дека овој трофеј е твој исто колку што и мој. Не играв минатата година, се вратив сега и сакам да се заблагодарам на сите. Постои причина што тука го играм најдобриот тенис, пред легендарниот Род Лејвер. Мојот тим знае низ што минавме во последните четири, пет седмици. Ова е мојата најголема победа во животот, со оглед на сите околности“, кажа Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ со оваа победа го презеде врвот на АТП ранкингот од Карлос Алкараз кој поради повреда не настапи во Мелбурн.