• Иван Димовски

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се повлече во полуфиналето на Австралија Опен, откако загуби еден сет од Александер Зверев (7-6). Ветеранот заработи повреда која не му дозволи да го продолжи мечот против Германецот.
Првиот сет беше целосно израмнет и траеше 82 минути. По лесни први два гема, следеше голема борба, Зверев не искористи четири, а Ѓоковиќ три брејк-топки и резултатот дојде до 2-2. Се продолжи со слично темпо низ сетот, па се влезе во тај-брејк кој Зверев го доби со 7-5 по првата сет-топка.
По последниот поен во сетот Ѓоковиќ пријде до мрежата и му соопшти на Зверев дека нема да го продолжи мечот, поради очигледна повреда, иако претходно се обиде со таблети да ја ублажи болката.
Поради тоа Србинот го предаде полуфиналето и Зверев се пласира во мечот за трофејот. На прес-конференцијата Ѓоковиќ откри дека се работи за скинат мускул и повредата е потешка од пред две години.