• Иван Димовски

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со победа над Нишеш Басавареди во првото коло на Австралија Опен од 3-1 се пласира понатаму. Овој меч беше опомена за Србинот дека нема опуштање на големите турнири, а дебитантот на спротивната страна беше вистински пример.
Басавареди беше рамноправен, го освои првиот сет и до проблемот со повреда изгледаше одлично на теренот. Токму тоа го посочи и самиот Ѓоковиќ по мечот.
„Басавареди во првите сет ипол беше подобар од мене, одлично удираше топчиња. Секоја чест за начинот на кој одигра. Ваквите дуели се многу тешки и проблематични. Ова за него беше прв меч на голем турнир, ме изненади со своите удари и начинот на игра. Едноставно се трудам да не забележувам против кој играм. Нишеш е се уште тинејџер и ако продолжи вака на ова ниво, може да успее. Не е лесно да се игра на Централниот терен и да се изборите со емоциите, а се надевам во иднина ќе видиме доста од него“, изјави Ѓоковиќ по победата.
Во втората рунда Ѓоковиќ ќе се судри со квалификантот Жаиме Фариа од Португалија.