Ѓоковиќ рутински го „скокна“ Гриекспор за четвртфинале во Дубаи

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на АТП турнирот во Дубаи, откако го совлада Талон Гриекспор со 2-0 (6-2, 6-3). За разлика од првото коло кога се измачи да го победи квалификантот Мачац, сега холандскиот ривал немаше сили да го запре Србинот кој за 80 минути го реши мечот. 

Ѓоковиќ отвори одлично, веднаш направи брејк и поведе со 3-0. Холанѓанецот се обиде да парира, освои два гема, меѓутоа во осмиот повторно загуби сервис во маратон и српскиот ас со 6-2 дојде до предност. 

Вториот сет тргна идентично, бидејќи Ѓоковиќ освои три гема на стартот, за потоа четвртиот да биде најдолг во мечот. Гриекспор врати пет брејк топки, пред Србинот да го добие гемот, а потоа да поведе и со 5-0. Холандскиот тенисер одговори со три врзани гема, пред Ѓоковиќ да ја искористи првата меч топка и да ја потврди победата со 6-3.

Тој во фазата на осум најдобри ќе се судри со подобриот од пресметката меѓу Котов и Хуркач.