Ѓоковиќ приреди незаборавен пресврт и го сруши скоро непобедливиот Надал!

Ролан Гарос ќе добие нов шампион, а Рафаел Надал ја пропушти првата шанса да го мине Роџер Федерер на првото место на вечната листа на освојувачи на Грен слем турнири. Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ со 3-1 по сетови (3-6, 6-3, 7-6/4, 6-2) го совлада Надал, кој само третпат во кариерата поразен го напушта теренот во Париз.

Шпанецот тргна фуриозно во второто полуфинале, поведе со 5-0 во гемови и лесно го доби првиот сет. Новак одговори и израмни на 1-1, а психолошки клучен беше тајбрејкот во третиот сет, кој Србинот го доби со 7-4 и поведе со 2-1 во сетови. Надал имаше енергија за да поведе со 2-0 во четвртиот сет, но потоа Ѓоковиќ нанижа шест неодговорени гема и дојде до голема победа и место во финалето. 

„Најдобар меч и најдобра атмосфера на која сум играл на Ролан Гарос против мојот најголем ривал. Ова е еден од моите најдобри три меча во кариерата“, рече Новак по натпреварот.

Новак Ѓоковиќ по шести пат во кариерата ќе игра во финалето на Ролан Гарос, а противник ќе му биде Стефанос Циципас, кој денес во пет сета го надигра Германецот Зверев.

Финалето е закажано за в недела во 15:00 часот.