Ѓоковиќ: Повредата е минато, доаѓам во Париз да освојам медал

Новак Ѓоковиќ целосно закрепна од повредата што ја доживеа на Ролан Гарос и се подготвува за настап на Олимписките игри во Париз.

Српскиот тенисер комплетно се посвети на рехабилитацијата, започна со интензивни тренинзи и наскоро се очекува и официјално да го најави својот „кам-бек“. Во разговор со шпанските медиуми Ѓоковиќ вели дека сонот му е да освои медал во Париз и вети дека ќе го даде својот максимум за успешен настап. 

„Беше напорно, но чувствувам дека телото уште може да биде во врвна форма. Сакам да го остварам сонот и да настапам повторно на Олимписките игри, а доколку од таму се вратам со медал, за мене тоа ќе биде како бајка. 

Имав проблеми со повредите и со неколку несакани ситуации, но ние сме спортисти и секогаш веруваме дека можеме да се вратиме на потребното ниво. Нема да биде лесно, но убеден сум дека ќе имам успешен настап во Париз“, вели Ѓоковиќ. 

Србинот во моментов е на третата позиција на АТП листата, откако неодамна му го препушти тронот на Италијанецот Јаник Синер. Олимписките игри во Париз ќе траат од 26 јули до 11 август.