Ѓоковиќ: Поради Надал не освоив повеќе Грен слем титули

Новак Ѓоковиќ изјави дека битките со Рафаел Надал на Отвореното првенство на Франција во Париз му биле најголемиот предизвик во кариерата.

На париската земјена подлога никој немаше толкава непобедлива серија како „Бикот од Мајорка“, кој во кариерата загуби само четири меча во француската престолнина, а интересно, три дојдоа директно од српскиот тенисер, кој последен пат таму го совлада Шпанецот на Олимписките игри ова лето. 

„И за мене и за Федерер тој беше непобедлив. И Роџер велеше дека Надал е најголемата пречка. Беше навистина непобедлив. Загуби само четири меча на тој терен. Имав можност да го победам трипати. Секогаш кога на тој терен ќе излезеш на мегдан со него, знаеш дека тој е фаворит.

Знаев дека секогаш морам да се качувам на „највисоката планина“ кога играм против него. Ова е најголемата причина зошто не собрав повеќе титули на Ролан Гарос. Но, затоа секоја титула таму е уште позначајна“, рече Новак Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер моментално се подготвува за новите настапи во дресот на Србија во Дејвис Купот.