• Горан Упале
Најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ ја започна соработката со својот долгогодишен ривал и пријател Енди Мареј, кој како тренер се приклучи на неговиот тим.
Договорот е постигнат во пресрет на правење стратегија за следната сезона, со фокус пред сè на подготвителниот период, а потоа и на Австралија опен, каде Ноле ќе се обиде да ја освои својата единаесетта титула во сингл.
Ѓоковиќ за првпат проговори за оваа одлука и изборот на Британецот за негов нов тренер.
„Претходните неколку месеци размислував за следната сезона, го барав она што го сакам во овој момент од мојата кариера, бидејќи престанав да работам со Иванишевиќ, со кого имав многу успешна соработка.
Ми требаа шест месеци да размислам дали ми треба тренер и ако ми треба, кој би бил тој, сфатив дека совршен тренер за мене, во овој момент, треба да биде некој што минал низ слични искуства низ кои поминувам јас“, истакна Ѓоковиќ.
Србинот во својата досегашна кариера Австралија Опен ја освои во 2008, 2011, 2012, 2013, 2015, 2016, 2019, 2020, 2021 и 2023 година.