• Иван Димовски
Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, доживеа неочекувана елиминација уште во второто коло на мастерсот во Рим, откако беше поразен од 20-годишниот хрватски тенисер Дино Призмиќ.
Иако српскиот ас го доби првиот сет и делуваше сигурно на теренот, во продолжението целосно го загуби ритамот, што Прижмиќ го искористи за голем пресврт и една од најзначајните победи во својата кариера. Сепак, по натпреварот повеќе од самиот резултат внимание привлече искрената изјава на Ѓоковиќ, кој отворено призна дека сè почесто се соочува со физички проблеми во доцната фаза од кариерата.
„Не паметам кога последен пат сум одработел подготовки без некаков физички проблем пред турнир. Секогаш има нешто. Веројатно треба да го прифатам тоа, бидејќи ова е мојата нова реалност. Фрустрирачки е, факт. Ама во исто време, одлуката да продолжам да се натпреварувам и да настапувам во вакви услови е моја“, изјави Ѓоковиќ.
Со овој пораз, српскиот тенисер ќе го дочека Ролан Гарос како четврти носител, што може да му донесе многу потежок пат на турнирот.
