Ѓоковиќ по поразот во Париз: Влезниците им се поважни од играчите

Новак Ѓоковиќ ветер

Временските услови беа голем проблем за играчите на Грен слем турнирот Ролан Гарос.

Беа одложени неколку натпревари, распоредот каснеше и неколку дена, а на крај организаторите си ја остварија својата замисла. Од тоа сепак незадоволен беше Новак Ѓоковиќ кој загуби во полуфиналето од Доминик Тием во меч кој се играше два дена.

Србинот се пожали на третманот од страна на лицата задолжени за организација на мечевите. Според него тие повеќе се грижеа за влезниците, отколку за самите тенисери.

„Искрено да ви кажам, не знам која тактика требаше да ја искористам во тие услови. Штета што нема конкретни правила кога во прашање е ветрот. За организаторите е голем трошок да се одложат натпреварите за следниот ден. Така да, повеќе се води грижа за бизнисот, отколку за самите тенисери. Не им е приоритет тоа, а тоа е и во останатите глобални спортови. Меѓутоа тоа е тоа, јас сум среќен што сум дел од овој спорт и што можам професионално да играм“ , рече првиот светски рекет.

Во големото финале, Тием ќе го предизвика Рафаел Надал во обид да ја освои првата голема титула во својата кариера.

Финалниот меч е закажан денес со почеток од 15:00 часот, секако доколку нема проблеми со дождот и ветрот.