Ѓоковиќ планира тениска Лига на шампиони, доби поддршка и од ФИФА

Новак

Првиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ планира да направи вистинска револуција во тенисот во наредните неколку години. Србинот посакува да воведе иновација во фудбалски стил и сака да организира тениска Лига на шампиони.

Ова го пренесува италијански „Industriadeltenis“ кој пишува дека ФИФА му дала поддршка на еден од најдобрите играчи во историјата на „белиот спорт“.

„Ѓоковиќ отиде чекор понатаму и потпиша договор за соработка со ФИФА со цел да создаде ново натпреварување - тениската Супер лига. Тоа би бил турнир од светска класа, пандан на Лигата на шампионите, кој има толку голем успех. Светскиот рекет број еден веќе направи нов сојуз на играчи и сака да биде дел од реформите во тенисот. Неговата идеја е едноставна и истовремено комплицирана. Не е лесно да се направи толку голем настан што би бил ист како Лигата на шампионите - групна фаза, потоа осмина финале, четвртфинале, полуфинале и конечно финале на неутрална локација.

Планот е тенисерите да претставуваат одредени фудбалски клубови. На пример, Рафаел Надал, како навивач на Реал Мадрид, може да игра за нив, Ѓоковиќ е познат како навивач на Црвена Звезда и тој би можел да игра во „црвено-бел“ дрес. Останува да видиме како тенискиот свет ќе реагира на оваа идеја, која веќе има двајца големи промотори - Ѓоковиќ и ФИФА“, стои во текстот на италијанскиот медиум.

Ова само ќе донесе нови критики на сметка на Ѓоковиќ, кој имаше бурна 2020 година, во која беше дел од „скандали“ со коронавирусот и на УС Опен, кога ја погоди судијката со топче во грло.