Ѓоковиќ останува „КРАЛ“ на Мелбурн, „збришан“ Медведев за деветта титула на АО!

Иако се очекуваше неизвесно и возбудливо финале, Новак Ѓоковиќ уште еднаш докажа дека тој е „кралот“ во Мелбурн и круната не ја дава така лесно. Во денешното финале на Австралија Опен, првиот рекет на светот покажа моќ, доминација и квалитет и буквално го збриша Данил Медведев (3-0) и ја грабна својата деветта титула на „Род Лејвер“ арената, а прва оваа сезона. Рускиот ас во одлична форма влезе на овој Грен слем, а со исто темпо продолжи и во текот на турнирот, но во финалето беше тотално надигран од големиот шампион и својата шанса за трофеј ќе ја бара на некој друг Грен слем турнир.  

Првиот сет од големото финале ги задоволи сите тениски вкусови. Се играше атомски, двајцата финалисти знаеја во вистински момент да се вратат во ритам и да не дозволат противникот да стигне до лесно водство, но кога беше најпотребно Ноле покажа карактер, искуство и пред сè квалитет. Беше 6-5 за Србинот, а Медведев на свој сервис ги загуби првите три поени, по што за момент успеа да се врати, но не беше доволно за целосен пресврт и Ноле поведе со 1-0 во сетови (7-5).

Ѓоковиќ и на овој дуел можеше да „ужива“ на поддршката од публиката, која при секоја пауза скандираше „Ноле, Ноле...“. Во вториот сет тоа како да му даде стимул плус на Србинот за уште подобра игра, па Медведев беше тотално надигран и „збришан“ за само 40 минути, иако одлично го започна сетот, односно со брејк. На одземениот сервис на Русинот, првиот рекет на светот возврати со ри-брејк, а потоа со нови два брејка се избори за убедливи 6-2 и водство во сетови од 2-0. 

Ништо не се промени ниту во третиот сет. Ѓоковиќ продолжи во свој стил, а Медведев влегуваше од грешки во грешки и се чинеше дека предвреме го предаде овој меч. Србинот експресно влезе во позитива, затоа што го освои првиот гем на сервис на противникот, па на рутински начин ја чуваше предноста и заслужено стигна до нова голема победа пред „својата“ публика (6-2).