Ѓоковиќ остана АТП-лидер, Федерер падна најниско во изминатите 22 години

Како и секој понеделник, се направи пресек на АТП ранкингот, а на врвот остана без промена. Српскиот ас Новак Ѓоковиќ и натаму е лидер, откако Данил Медведев испушти шанса да го симне од врвот. 

Ѓоковиќ со 8.420 поени е првопласиран, има десет повеќе од Русинот кој се повреди и го чека пауза, па дополнително ќе падне на ранкингот. На третото место успеа да се пробие Александар Зверев, користејќи го неиграњето на Рафаел Надал. 

Меѓу најдобрите десет напредок забележа Каспер Руд по финалето во Мајами и сега е седми, додека Камерун Нори сега е десетти на сметка на Хуркач, а Карлос Алкараз е чекор зад него. 

Најлош пласман во изминатите 22 години бележи Роџер Федерер. Швајцарецот долго не игра, а сега падна дури 18 позиции и се наоѓа на 44 место на ранг листата, резултат каков што не бележел уште од своите почетни денови во тенисот. Последен пат пониско од ова котираше во јуни 2000 година, кога беше 54. 

Кај дамите пак, повлекувањето на Ешли Барти го искористи Ига Швјонтек која првпат застана на чело на ВТА листата. Втората позиција е за Мариа Сакари, трета е Колинс пред Бадоса и Контавеит.