Ѓоковиќ: Никој не ме тера да играм, зборуваат како 24 трофеи да не се доволни!

Најтрофејниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ призна дека Јаник Синер бил подобар во полуфиналето на Вимблдон и заслужено изборил место во финалето, откако Италијанецот славеше со убедливи 3-0 во сетови (6-4, 6-4, 6-4). По натпреварот, најтрофејниот тенисер во историјата не бараше изговори за поразот.

„Не знам што можев да направам поинаку. Искрено, немав многу решенија, ме надигра. Би сакал барем уште еднаш да се вратам на Вимблдон, ќе видиме што носи иднината. Синер беше најмалку едно ниво пред мене, можеби и повеќе. Не бев доволно остар, не реагирав доволно брзо и немав добра рамнотежа на теренот. Минатата година бев повреден и не очекував премногу. Сега бев физички добро, можеби не целосно свеж, но здрав. Синер беше доминантен и едноставно многу подобар тенисер денес“, изјави Ѓоковиќ.

На прашањето дали бил поконкурентен од минатогодишното полуфинале против истиот ривал, Србинот не се согласи.

„Секогаш сум максимално натпреварувачки настроен и давам сè од себе. Можеби од страна изгледа поинаку, но само јас знам колку вложувам. Разочаран сум бидејќи сакав да го освојам Вимблдон, но денес противникот беше подобар. Неговиот сервис стана огромно оружје откако ја промени техниката“, истакна тој.

Ѓоковиќ призна дека неговиот некогаш препознатлив ритерн повеќе не е на нивото од најдобрите години.

„Тоа е реалноста. Против неговиот прв сервис речиси и да не можете да нападнете, туку само да ја вратите топката во игра. Одлично ја користи висината, сервира разновидно и секогаш има силен прв удар по сервисот“, анализираше Србинот.

И покрај елиминацијата, тој е задоволен од целокупниот настап на турнирот.

„Го победив Феликс Оже-Алијасим во фантастичен четвртфинален меч и покажав дека сè уште можам да играм на највисоко ниво. Загубив од најдобриот тенисер во светот и тоа мора да се прифати. Турнирот беше позитивен од аспект на борбеноста и посветеноста, иако мислам дека на Австралија Опен играв подобар тенис отколку овде“, рече Ѓоковиќ.

Осврнувајќи се на резултатите оваа сезона, истакна дека неговите критериуми се поинакви од оние на другите играчи.

„Минатата година стигнав до четири полуфиналиња на грен слем турнирите, а оваа година имам едно финале и едно полуфинале. За 99 проценти од тенисерите тоа се одлични резултати. За мене се добри, но не и доволно добри. Навикнат сум секогаш да очекувам најмногу од себе и тоа е мојата внатрешна борба“, објасни тој.

Ѓоковиќ категорично порача дека во моментов не размислува за крај на кариерата.

„Никој не ме тера да играм. Играм затоа што го сакам тоа и затоа што верувам дека сè уште можам да бидам меѓу петте или десетте најдобри во светот. Ќе видиме што ќе донесе иднината“, истакна Србинот.

На крајот се осврна и на честите прашања за неговата 25. грен слем титула.

„Луѓето постојано зборуваат за бројката 25, како 24 да не се доволни. Искрено, тоа почна да ме нервира. Треба да бидеме благодарни за сè што е постигнато. Не знам дали ќе дојде 25. титула, а можеби никогаш и нема. Мојата цел е секогаш да бидам најдобро подготвен за грен слем турнирите и да продолжам да уживам во тенисот. Би сакал луѓето да ги почитуваат моите одлуки, наместо постојано да ме прашуваат кога ќе се пензионирам или кога ќе ја освојам 25. титула“, заклучи Ѓоковиќ.

Новак Ѓоковиќ и покрај поразот ќе направи напредок на АТП-листата која ќе излезе во понеделник.