Ѓоковиќ: Немам ни енергија, ни желба да се занимавам со секоја приказна што ќе излезе за мене

По освојувањето на титулата на Австралија Опен, Новак Ѓоковиќ во својот тениски центар во Белград одржа вондредна прес-конференција, на која зборуваше на многу теми поврзани со својата кариера.

Се очекуваше подетално да објасни за обвинувањата дека ја лажирал повредата во Мелбурн и дека ќе донесе и медицинска документација, но тоа не се случи.

„Секогаш има секакви приказни, не само во мојот случај, туку со секој играч кој има врвни резултати. Критичарите се секогаш тука, оние кои ќе шпекулираат дали нешто е вистина или не, но јас навистина немам ниту енергија, ниту време, ниту желбата да се занимавам со секоја приказна што ќе излезе за мене“, вели Новак.

Ѓоковиќ беше запрашан и дали има одреден број Грен слемови кои би го задоволиле и кои би биле доволни за да ја заврши кариерата.

„Не постои таков број. Немам крајна бројка или ограничување на годините до кога ќе играм, иако луѓето автоматски почнуваат да прашуваат за тоа. Федерер, Надал и јас наидовме на тие прашања. Сепак, сигурно е дека овој глад е присутен. Го сакам овој спорт, сакам да играм со моите деца и со кој било рекреативно, па не е дека чувствувам аверзија кон спортот затоа што ми одзема многу од животот“, заклучи светскиот тенисер број еден.

Ѓоковиќ го откри и календарот за следните турнири, а истакна дека сè уште не знае дали ќе настапи на Мастерсите во Соединетите Американски Држави, за каде побара специјална дозвола за престој.