Ѓоковиќ: Не сум разочаран, само незадоволен од ваквиот пораз на крајот од сезоната

Новак Ѓоковиќ пропушти голема шанса да се избори за ново финале на завршниот турнир во Лондон. Оваа година застана во полуфиналето, каде беше елиминиран од Доминик Тием.

Србинот имаше одлични 4-0 во одлучувачкиот тај-брејк, но дозволи противникот да освои шест поени во низа и да зачекори кон победата. По мечот имаше само комплименти на сметка на австрискиот тенисер.

„Она што Доминик го направи во тај-брејкот е нереално. Сè му одеше од рака во тие моменти. Јас одиграв добро, а тој заслужи да победи и да игра во финалето. Не сум разочаран што сезоната заврши. Сакам да играм тенис и едвај ја чекам новата сезона. Само сум незадоволен што ја завршувам годината со еден ваков пораз“, изјави првиот светски ас.

Ѓоковиќ играше за шеста титула на турнирот, но остана покус од достигнувањето кое го има единствено Роџер Федерер.

Тием во финалето утре ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Рафаел Надал и Данил Медведев.