Ѓоковиќ: Не сакам да мислам на тенис, зад себе оставам исцрпувачка година

Новак

Србија остана покуса за финале на Дејвис Купот, бидејќи загуби во полуфиналниот судир со Хрватска. Гојо и парот Мектиќ/Павиќ донесоа победнички бодови за хрватската репрезентација.

Новак Ѓоковиќ победи во својот сингл меч. Но, тоа не беше доволно за српските тенисери да слават голем успех во екипното натпреварување.

„Ваквите натпреварувања се брутални и бараат да победите на секој меч. За мене сезаоната е готова. Не сакам да мислам на тенис, зад мене оставам исцрпувачка година. Сега сакам да поминам време со моето семејство, а потоа ќе ги откријам плановите за 2022 година.

Мора да го прифатиме поразот, тоа е спортот. Се трудам да учам поуки, особено во тешки времиња. Колку и да боли, тоа се обично најголемите можности за зајакнување, раст, развој, да станете уште подобра личност и играч. Се надевам дека ќе научиме нешто од сето ова“, вели првиот светски рекет.

Ѓоковиќ успеа да ја обезбеди лидерската позиција на АТП листата. Освои и три Грен слем турнири, а засега не е сигурно неговото место на првиот голем турнир на почетокот од новата сезона.