Ѓоковиќ не планира да застане за брзо време: Би можел да играм и на 40 години...

Новак Ѓоковиќ 40 години

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ откри дека негови цели во остатокот од кариерата се Грен слем титулите и неделите поминати на првото место на АТП листата. Тие два рекорди моментално се во сопственост на Роџер Федерер, кој се смета за еден до најголемите на сите времиња.

Со цел да го направи тоа, Србинот ќе мора да игра уште долго време, со оглед на конкуренцијата од своите стари, но и нови ривали. Младата генерација полека се заканува да ја сруши „големата тројка“ и би можела да претставува проблем за големиот шампион.

„Дефинитивно сакам да играм уште долго време. Сепак, свесен сум дека за тоа да се случи ќе мора да ги намалам турнирите. Нема да издржам долго ако играм често и патувам речиси секоја недела.

Верувам дека би можел да играм и на 40 години, но тогаш фокусот ќе ми биде насочен само на големите турнири. Не верувам во граници, мислам дека тоа се илузии на егото и умот. Моите цели се јасни и истите ми се голема мотивација. Она што ме прави среќен секој ден е мојот напредик како личност“, вели 32-годишникот.

На стартот од новата сезона, Ѓоковиќ ја освои 17-та Грен слем титула во кариерата и застана на три од достигнувањето на Федерер. Пандемијата со коронавирусот го спречи да ја продолжи одличната серија без пораз во 2020 година.