• Иван Димовски

Првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ, зборуваше за распределбата на средствата во тенисот. Србинот како претседател на Здружението на професионални тенисери се обидува да помогне на послаборангираните. Тој смета дека е потребно да се пронајде модел според кој сите би добивале помош за да можат да напредуваат.
„Бев во позиција на играч кој се бори за своето место и знам каква е борбата. Знам колкави се проблемите со покривање на патни трошоци ако немате поддршка од федерацијата. Преку 90% од играчите ја немаат. Буџетите за плаќање физиотерапевти и тренери се мали. Дури и тенисерите кои се во топ 500, дел не можат да си дозволат тренер, а да не зборуваме за физиотерапевт. Многу се зборува колку заработуваат победниците на Грен слем турнирите, ама не и за тоа колку луѓе живеат од овој спорт.
Имам моќ и влијание, сакам да зборувам за тоа. Помалку од 500 тенисери живеат од спортот кој е супер глобален и еден од најгледаните. Тоа е лошо, неуспех за спортот. Кога сте во НБА лигата имате загарантирана заработка дури и ако не играте. Средено ви е сè. Имате тренер, облека, не мора да размислувате на основните работи. Во тенисот тоа не е случај, ама верувам дека може да се достигне“, изјави Ѓоковиќ.
Тенисот од своите почетоци е познат како спорт на богатите. Токму поради тоа и не сите талентирани тенисери успеале да изградат кариера. Трошоците за развој, патувања, тренинзи и одржување на формата се скапи, а токму на таа тематика сака да помогне и Ѓоковиќ.